Бегај – Јотова: Бројни можности за зајакнување на партнерството меѓу двете земји

Продлабочувањето на соработката меѓу Албанија и Бугарија, како и поддршката што оваа земја му ја даде на Косово, беа во фокусот на средбата одржана денеска меѓу претседателот Бајрам Бегај и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

Според соопштението од кабинетот на Бегај, на средбата тој високо ја оценел многу добрата соработка меѓу двете земји, во годината што се совпаѓа со 110-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Албанија и Бугарија.

-Посетите на високо ниво што двете земји ги разменија во последните години треба да продолжат уште повеќе за да се продлабочи соработката во сите сфери од заемен интерес. Високо ја цениме поддршката на Бугарија во европската интеграција на Албанија и ја сметаме Бугарија за важен економски партнер. Многуте можности што ги имаат нашите двете земји треба да се искористат за дополнително зајакнување на ова партнерство, посочил Бегај.

Исто така, претседателот Бегај високо ја оценил „континуираната поддршка на Бугарија кон Република Косово како уште една гаранција за стабилноста и напредокот на Западен Балкан“.

Бугарската потпретседателка остварила средба и со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, со која разговарале за „ стратешки проекти, со посебен акцент на Коридорот 8“.

Во објава на Фејсбук Балуку наведува дека коридорот VIII е еден од десетте „транс-европски коридори“ кои се конципирани за да се олесни размената на стоки, луѓе, нафта и енергетски резерви меѓу земјите на ЕУ, балканските држави кои имаат пристап до Црното и Каспиското Море и државите од Централна Азија.

-Според проектот, коридорот VIII започнува од италијанските пристаништа Бари и Бриндизи, застанува на пристаништето Драч и потоа продолжува кон Тирана, Скопје и Софија, пристигнувајќи до пристаништата Бургас и Варна на Црното Море. Проектите за оваа работа предвидуваат и реструктурирање на постојната инфраструктура и нови градби, кои ќе бидат финансирани и од јавниот и од приватниот сектор, стои во објавата на Балоку.