Вучиќ со Сарацин за исходот од преговорите во Брисел
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се сретна со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, со кого разговарал за состојбите во регионот и исходот од вчерашната средба во Брисел.
Вучиќ му порача на Сарацин дека Белград останува посветен на дијалогот со Приштина, кој се води со посредство на ЕУ.
Тој го повторил ставот на Србија за сите прашања на Западен Балкан, а тоа се зачувување на мирот, натамошно зајакнување на довербата и посеопфатна регионална соработка, соопштија од кабинетот на претседателот.
Вучиќ посочи дека европската интеграција е еден од надворешнополитичките приоритети на Србија и изрази надеж дека ангажманот на специјалниот пратеник Зарацин дополнително ќе придонесе за обновување на ентузијазмот за проширување на ЕУ.
Специјалниот пратеник Сарацин изрази желба за посилен ангажман на целата Унија во однос на политиката на проширување и давање нов поттик на Западен Балкан на европскиот пат, се додава во соопштението.