Спасовски за „Фокус“ за случајот Oнкологија: Важно е предметот да се заврши брзо и квалитетно, а пардон нема да има за никого

Една од темите за кои министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски зборуваше во интервјуто за неделникот „Фокус“ беше случајот со Клиниката за онкологија.

Запрашан за истрагата и обезбедените докази, Спасовски одговори: „Прво, сакам да кажам дека во однос на самата помисла за сѐ она што се случувало на Клиниката за онкологија навистина нема збор со којшто може сето тоа да се опише. Ние знаете дека направивме прибирање на електронските уреди и се преземаат низа криминалистички мерки и активности сѐ со цел да се приберат што е можно повеќе докази во овој дел. Морам да напоменам дека се работи многу интензивно на целиот овој случај за да се види што точно се правело и кои се виновниците и учесниците. Важно е поради тоа што секој криминал, па и овој мора да има име и презиме и оние кои директно учествувале ќе мора да носат сериозна одговорност. Така што, интензитетот е голем во делот на истрагата, се преземаат низа на мерки како што напоменав, се прават разговори со одредени лица кои учествувале во ова, кои можат да дадат дополнителни информации и на основа на тоа секако дека ќе ги преземеме следните чекори во овој случај, по насоки на јавниот обвинител”, рече министерот Спасовски.

Во однос на тоа кога би можело да се очекува разрешница на случајот, Спасовски истакна дека заради јавноста, динамиката со која ќе се заврши предметот е особено важна, но не по цена на квалитетот.

„Ние работиме и посакуваме тоа да се случи час поскоро заради тоа што е важно и заради јавноста и заради сите нас, да се заврши предметот што е можно побрзо, меѓутоа многу поважно од брзината е квалитетот. Не е добро да направиме случај во којшто од побуди на задоволување на јавноста во одреден момент ќе се намали квалитетот на прибраните документи или нема да бидат собрани доволно докази. Напротив, сметам дека квалитетно собраните докази, дефинирањето точно на оние кои се виновниците е многу поважно во овој момент, иако и динамикатата за нас е сериозно важна”, потенцираше Спасовски.

Во врска со прашањето за евентуална селективност во однос на овој случај, министерот Спасовски дециден дека нема да има пардон за никого.

„Јас не милувам да разговарам за некакви ситни или крупни риби кога станува збор за криминалец. Криминалец е криминалец. Зар мислите дека помал или поголем криминалец е тој што седи на некоја позиција од некој обичен граѓанин. Секој кој се занимава со криминал е криминалец и секој треба да носи одговорност. И затоа кажав и мој јасен став е дека мора да одговара секој што е инволвиран во тој случај, без разлика каде е на хиерархијата на државната поставеност, на колку висока позиција… Ако учествувал во ова и ако давал одредени насоки, одобрувања итн., ќе носи одговорност што сака нека е! Меѓутоа важно е да ги утврдиме сите докази и на основа на доказите да се носи таква одговорност. Нема да има пардон дали е политичар, дали е носител на функција, дали е од една или од друга политичка партија, воопшто не ме интересираат ниту партиите, ниту што било друго, туку да се утврди она што е интерес на граѓаните”, потенцираше министерот Спасовски.