„Уставните измени се болни, но неопходни“, вели Рот на средбата со Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот, Михаел Рот со кого зборуваа за уставните измени.

Рот рече дека уставните измени се болни, но неопходни. Тој пред пратениците порача дека е дојден да ги охрабри да ја вратат Македонија на вистинскиот пат.

„Ова не е вистинско време за меѓусебни уцени. Сега зборуваме за промена на Уставот, каде станува збор за бугарското малцинство и други прашања, кои произлегуваат од долги, тензични и контроверзни преговори со ЕУ, особено со Бугарија и мојата главна интенција е дека можеме да ги забрзаме преговорите помеѓу ЕУ и Македонија, бидејќи Македонците заслужуваат членство што е можно побрзо“, рече Рот.

Рот ја потврди цврстата поддршка на Германија за Северна Македонија на патот на евроинтеграциите и оцени дека сега е време државата да продолжи одлучно напред до исполнување на стратешката цел-членство во Европската Унија. Тој потенцираше дека Германија гледа на Северна Македонија како неизоставен дел од Европската Унија, земја чии аспирации и напредок заслужено треба да бидат наградени со членство во големото европско семејство.

Ковачевски изрази огромна благодарност за долгогодишната континуирана поддршка од Германија, поздравувајќи го носењето на Резолуцијата која ја донесе германскиот Бундестаг за Северна Македонија.

Премиерот рече дека длабоко ја цениме Резолуцијата на германскиот Бундестаг со којашто се потврдува недвосмислената поддршка на Северна Македонија за приклучување кон ЕУ со сопствен македонски идентитет, јазик, култура и историја како дел од европскиот мозаик.

На средбата, беа препознаени и поздравени напорите на Владата на Република Северна Македонија во имплементација на реформските процеси во насока на подобрување на состојбите во сите сфери на општественото живеење.

На средбата беше потенцирано дека треба да постои свесност кај сите парламентарни политички партии за обединување околу исполнувањето на заедничката стратешка цел- членството на Северна Македонија во Европската Унија бидејќи тоа ќе донесе безбедна и проспертитетна иднина за сите граѓани.