Михаел Рот во посета на Скопје со позната агенда

По специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, денеска во Скопје ќе престојува и претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот и поранешен државен министер на Германија за Европа Михаел Рот, како дел од меѓународните дипломатски напори за отворање на европскиот пат на Северна Македонија и спроведување на уставните измени како услов за напредок кон ЕУ.

Рот ќе има средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претставници на Владата и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, и ќе учествува на регионалниот настан „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ на кој се поканети парламентарци и претставници на стручните служби на парламентите на земјите од Западен Балкан, германскиот Бундестаг и Европскиот парламент.

На дебатата ќе учествува и Сарацин, кој на вчерашните средби со претставници на власта и на опозицијата уште еднаш порача да не се потценува временскиот период за донесување на уставните измени, како и ризиците од можното одвојување на земајва на патот кон ЕУ доколку не се исполнат барањата.