„Бехтел и Енка“ стартуваат со работа на Коридорот 8

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ денеска почнува со градежни работи за пробивање на трасата на автопатот Гостивар Букојчани, со што ќе биде означен стартот на теренските работи од изградбата на Коридорот 8.

Церемонија е пртедвидена за денеска со почеток во 15:00 часот блиску селото Горна Бањица меѓу Гостивар и Кичево, каде што ќе се изврши првото минирање, а стартот на работите ќе го означат првиот вицепремиер и координатор на проектот, Артан Груби, придружуван од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.

Со договорот на македонската Влада со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, потпишан точно пред половина година, покрај Гостивар – Букојчани, опфатени се и автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) и Тетово – Гостивар (над 17 километри), а од Коридорот 10-д и на делницата Прилеп – Битола (40 километри).

Како фирми подизведувачи се јавуваат компаниите „АК инвест“, „Еуровиа“ и „Стентон градба“ како дел од најавените домашни компании на кои „Бехтел и Енка“ како изведувач им го има доверено извршувањето на дел од работите.