Вучиќ: Членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година се само убави желби

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој учествуваше на самитот Брдо-Бриони, изјави дека на таа средба се разговарало за европската иднина на регионот, за која кај едни има поголем ентузијазам, а кај други помалку. Тој рече дека денот поминал во конструктивна дискусија и дека во декларацијата стои дека е потребно членство на регионот во ЕУ што поскоро, а најдоцна до 2030 година.

„Тоа се убави желби, но кој сум јас да го уништам оптимизмот и да ја намалам амбицијата на некои други. Супер ако е така, но не сум сигурен“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека средбата во Скопје била фер и добра и дека се разговарало за економските прашања и како да се надминат проблемите во иднина. Тој додаде дека е загрижен за цената на нафтата и дека се плаши дека таа ќе продолжи да расте, бидејќи тоа може да загрози други работи во сите земји од регионот.

Вучиќ рече дека на средбата се разговарало за тоа што регионот може да побара од ЕУ, од различни иницијативи за роаминг до воспоставување „зелени линии“ и заеднички пазар.

Рече дека му претстои напорна недела. „Поаѓање, ако пристигнеме во Унгарија, во Брисел секако, ако пристигнеме во Љубљана, Ако не, тогаш повторно за шест-седум дена во Њујорк на Генералното собрание на ОН, каде што ќе имаме многу состаноци и каде ќе има многу интересни теми“, рече Вучиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање што очекува на средбите во Брисел за Косово, тој рече дека очекува средбите да бидат тешки, бидејќи според него, ниту една од нив не била лесна.

„Ова не е затоа што разговараме со Албин Курти, туку затоа што разговараме со претставници на Брисел, кои знаете дека што и да кажат, секогаш на овој или оној начин ќе ја поддржуваат независноста на Косово“, посочи тој.