Почна состанокот на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони

Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони што почна претпладнево во Скопје.

На состанокот, покрај домаќинот Стево Пендаровски, учествуваат и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во улога на ко-домаќини, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Пред официјалниот почеток на состанокот, Пендаровски оствари билатерални средби со косовската претседателка Османи и со претседателот на Албанија Бегај.

Во тек е пленарен состанок на лидерите учеснички на процесот брдо Бриони, по што ќе следи заедничка прес-конференција на Пендаровски, Пирц Мусар и Милановиќ.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.