
Повеќе од 2.100 луѓе загинаа во силниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди централно Мароко, а околу 2.250 други беа повредени во најголемата природна катастрофа што ја погоди оваа африканска земја во последните 60 години.
Голем број луѓе поминаа три ноќи на отворено поради страв од последователни потреси.
Во тек е голема спасувачка операција за извлекување на преживеаните од урнатините.
Епицентарот на земјотресот бил во планините Висок Атлас, 71 километар југозападно од Маракеш, на длабочина од 18,5 километри, соопшти Американскиот геолошки институт.
Земјотресот се случи во петокот вечерта во 23.11 часот по локално време (22.11 часот по средноевропско време), а 19 минути по главниот, следеше последователен потрес со јачина од 4,9 степени.
Загинаа луѓе во Маракеш и области на југ, соопшти МВР.
Кралот Мохамед Шести прогласи тридневна жалост во земјата и нареди да се достави храна и да се обезбеди сместување за загрозените.
Според последните податоци, најмногу луѓе ги загубиле животите во руралните области во близина на епицентарот на земјотресот, јужно од Маракеш.
Цели села беа срамнети со земја, а патиштата беа блокирани од урнатини и одрони предизвикани од земјотресот.
Се верува дека многу луѓе сè уште се закопани под срушените куќи.
Планинското село Тафегагте, на 60 километри југозападно од Маракеш, е целосно уништено.
Засега е потврдено дека 90 од неговите 200 жители загинале.
„Луѓето во ова село се или во болница или се мртви“, изјави еден локален жител за Би-Би-Си.
Абду Рахман ги загуби сопругата и трите сина.
„Нашата куќа беше таму горе“, вели тој, покажувајќи на местото каде што се наоѓаше порано.
Сега е руина.
„Можете да ги видите и ќебињата и мебелот. Сè друго го нема“.
Абду Рахман се обидел да дојде до своите деца и сопругата, но никој не реагирал на неговите извици и повици.
„Ги закопавме вчера“, вели тој.
„Кога ги најдовме, сите беа склопени заедно. Трите момчиња спиеја, земјотресот ги закопа“.