Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во делот на неговата агенда за билатерални средби на маргините на Минхенската безбедносна конференција, денеска се сретна со премиерот на Република Грција Киријакос Мицотакис.
-На средбата беше изразено задоволството од двете страни од континуираното зајакнување на политичкиот дијалог во изминатите неколку години, проследено со посети и средби на високо ниво што допринесе за дополнително интензивирање на динамиката и градењето доверба меѓу двете земји и за раст на економската соработка, информира владината прес-служба.
Заедничкиот интерес за напредок на меѓусебните односи двајцата премиери го препознаваат и во заедничките стратешки и капитални енергетски инвестиции како што е учеството на Северна Македонија во Терминалот за течен гас во Александропулос и изградбата на интерконекторот за природен гас со Грција.
Премиерот Ковачевски на средбата изрази задоволство од билатералните односи, и од пријателството меѓу двете земји, кои како што рекол, има огромен потенцијал за натамошно унапредување и проширување, согласно стратешкото партнерство кое се востанови со Договорот од Преспа.