
„Лидл“ ќе отвора продавница и во Кавадарци
Германскиот синџир „Лидл“ купил земјиште и во Кавадарци, дознава еМагазин. Веќе е уплатен и дел од парите за земјиштето.
Како што објави Независен, Општина Куманово на почетокот на месецот соопшти дека на јавно наддавање продаде земјиште на трговскиот ланец „Лидл“ за изградба на логистички центар.
Постапката за отуѓување на градежно земјиште е спроведена по пат на електронско јавно наддавње, со намена Г4-стоваришта и складови на локација во новата индустриска развојна зона во Горно Коњаре, Новине и Речица.
На јавното наддавање по пат на електронска аукција биле пријавени три компании, а најповолен понудувач со највисока понудена цена била компанијата ДТМ ЛИДЛ Северна Македонија ДООЕЛ, со седиште во Скопје. Најповолната понуда изнесува 1906 денари за 1м2, или вкупно за 170.996м2 (~17ха) е 325.920.015,00 денари (~5,3 мил. Еур).
По завршување на административната постапка за избор на најповолен понудувач и по исполнување на сите услови пропишани во јавниот повик, имотот ќе премине во сопственост на најповолниот понудувач по што ќе следува реализација на инвестицијата, информирале од Општина Куманово.
„Лидл“ ќе почне со изградба на маркет во Битола, кој ќе се наоѓа кај кружниот тек на Дулие, објави летово „Битола њуз“.
Веќе бил исчистен просторот од градежните екипи, а потоа била поставена табла на која може да се прочита дека маркетот ќе се гради една година. Рокот за изградба на маркетот е до 3 август 2024 година.
Првиот „Лидл“ во Скопје ќе биде на местото на „Бриколаж“. Таму се очекува да никне првиот маркет на „Лидл“ во земјава, кој нашите граѓани со нетрпение го очекуваат, а во меѓувреме масовно пазарат од маркетите на фирмата во Грција, но и во соседна Србија, се разбира кога ќе имаат прилика да ги посетат тие држави.
Во февруари 2021 година „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија, а ќе биде управувана од бугарската филијала.