
Грција „ги враќа“ во Бугарија останките што се припишуваат на цар Самуил, а Бугарија „ги враќа“ во Грција 48 црковни реликвии однесени во Софија во 1917 година. Вака, поедноставено, последниве денови беше претставен договорот меѓу двете држави, но внимателното читање на официјалните соопштенија од Атина и Софија покажува дека работите не се толку едноставни и дека двете страни не го опишуваат на ист начин она што всушност го договориле.
Најголемата разлика е во еден збор кој на прв поглед може да изгледа како правна формалност, но суштински го менува значењето на договорот: дали станува збор за враќање на културните добра или за нивно депонирање, односно привремено предавање за чување и користење.
Официјалното соопштение на грчката влада уште во насловот зборува за „враќање во нашата земја на 48 реликвии“, а во самиот текст се наведува дека во Грција „се враќаат 48 реликвии“ од манастирот Панагија Икосифиниса, манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Серес и Митрополијата на Серес и Нигрита. Станува збор за предмети кои во 1917 година биле пренесени во Софија и подоцна биле чувани или изложувани во Националниот историски музеј на Бугарија.
Меѓутоа, во истиот официјален грчки документ договорот е дефиниран како Меморандум за разбирање за заемно „депонирање“ на реликвии од историска вредност. И грчката државна телевизија ЕРТ, по церемонијата во Солун, објави дека предавањето на антрополошкиот материјал претставува втор дел од договореното „заемно депонирање“. Истовремено, сепак, ЕРТ за предметите што заминуваат во Грција продолжува да го употребува зборот „враќање“ и најавува дека по изложбата во Солун тие ќе бидат предадени на манастирите и Митрополијата од кои потекнуваат.
Бугарската официјална формулација е значително повнимателна.
Во соопштението на бугарскиот Совет на министри не се зборува за трајно враќање на сопственоста врз 48-те предмети, туку за „реципрочно предавање за чување“ на историски артефакти, религиозни и културни вредности и реликвии. Тоа е правно и политички различна формулација од едноставното тврдење дека Бугарија ѝ ги вратила предметите на Грција.
Уште појасна е доц. Петранка Неделчева од Националниот историски музеј во Софија. Според неа, предметите што заминале во Грција не се отпишани од инвентарот на музејот. Таа објаснува дека се дадени на „послужување“, што значи дека не се подарени и сопственоста не е пренесена на грчката страна. Вообичаено ваквото предавање има определен рок, но во конкретниот случај, според нејзината изјава, во моментов нема утврден датум до кој предметите треба да бидат вратени во Бугарија.
Оттука произлегува прашање кое досега не доби доволно јасен јавен одговор: ако Бугарија и понатаму ги води предметите во инвентарот на својот Национален историски музеј и тврди дека ги дала на послужување, што точно значи грчката официјална формулација дека тие „се враќаат“ во Грција?
Разликата не е семантичка. Враќањето подразбира дека предметот се враќа кај сопственикот или институцијата од која бил одземен, додека депозитот или послужувањето подразбира дека една страна го задржува правното побарување или музејскиот статус на предметот, но дозволува тој физички да се наоѓа кај другата страна.
Дополнителна забуна создава и бројката 48. Според НИМ, физички не се предадени 48, туку 53 предмети заведени под 48 инвентарни броеви. Причината е што под еден инвентарен број во некои случаи се заведени повеќе предмети, како две литургиски рипиди заведени како една инвентарна единица. Меѓу предметите има крстови, дарохранителници, црковна утвар, рипиди, обкови на евангелија и врата поврзана со еден од манастирите, а најголемиот дел се датирани во XVIII и XIX век.
Она што го нема меѓу нив е подеднакво важно односно нема ракописи.
Прашањето е значајно затоа што предметите што бугарските власти и експедиции ги однеле од овие простори во периодот на Првата светска војна биле многу побројни од сегашните 48 инвентарни единици. Токму затоа и официјалниот грчки документ предвидува продолжување на разговорите за идентификација и евентуално вклучување во идна спогодба на други предмети од заемно историско значење кои не се опфатени со сегашниот меморандум.
Дека прашањето не е расчистено покажува и реакцијата на самата Грчка православна црква. Митрополитот на Драма Доротеј јавно соопшти дека за договорот дознал од медиумите и побарал информации кои точно предмети ќе бидат вратени. Неколку дена по потпишувањето на меморандумот сè уште немаше јавно објавен детален список на 48-те инвентарни единици и нивната распределба меѓу институциите што треба да ги добијат.
Уште поинтересно, Грчката православна црква употребува терминологија различна и од сопствената влада. Додека Министерството за култура зборува за предмети што во 1917 година биле „пренесени“ во Софија, Светиот синод на Грчката црква зборува за предмети што биле „украдени“ од Бугарите и отворено најавува дека сегашниот договор го смета само за почеток на процесот за враќање и на останатите црковни реликвии.
Така во моментов постојат најмалку три различни јавни толкувања на истиот процес: грчката влада зборува за враќање на 48 реликвии, бугарската страна за заемно предавање или депозит без откажување од музејскиот статус и сопственоста, а Грчката православна црква за враќање на предмети што во 1917 година биле украдени.
На ова треба да се додаде уште еден важен факт. Грција не ѝ ги предаде на Бугарија само останките што професорот Николаос Муцопулос ги идентификувал како останки на Самуил. Официјалното грчко соопштение предвидува предавање и на останатиот антрополошки материјал пронајден во вкупно четири саркофази во базиликата „Св. Ахил“ во Мала Преспа. Грчките медиуми по церемонијата известија дека во Бугарија се предадени и останки од други саркофази кои Муцопулос ги поврзувал со Гаврил Радомир и други членови на царското семејство.
Затоа станува сè потешко ова да се претставува како едноставна размена на „48 реликвии за коските на Самуил“. Станува збор за значително покомплексен договор за културно наследство, музејска сопственост, човечки останки и историски побарувања кои двете држави очигледно внимателно ги формулирале така што секоја страна може пред сопствената јавност да го претстави договорот на различен начин.
Токму тука се наоѓа и главниот проблем со транспарентноста.
Јавно се соопштува дека меморандумот „јасно и точно“ определува што предава секоја страна, а бугарскиот министер Георги В’лчев тврди дека во него прецизно се наведени 48-те предмети. Сепак, целосниот текст на меморандумот и неговиот детален инвентарен анекс не се објавени во изворите што досега се јавно достапни, додека дел од институциите во Грција што треба да ги примат предметите самите бараа информација што точно е договорено.
Дополнително, останува неразјаснето каков е конечниот правен статус на предметите: дали Бугарија признава дека тие се грчка сопственост и трајно ги враќа, или само ги остава на неопределено долго послужување во Грција додека формално продолжува да ги води како дел од фондот на Националниот историски музеј.
Додека не биде објавен целиот меморандум заедно со неговите анекси, токму ова останува суштинското неодговорено прашање. Не е спорно дека 53 физички предмети под 48 инвентарни броеви веќе се наоѓаат во Грција, ниту дека човечкиот материјал од Св. Ахил е предаден на Бугарија. Спорно и недоволно јасно е што правно направиле двете држави со нив.
Ако предметите се вратени, тогаш треба да биде јасно дека се вратени и кому му припаѓаат. Ако се само депонирани или дадени на послужување, тогаш треба да биде јасно кој останува нивен сопственик, под кои услови се предадени и дали постои рок за нивно враќање.
Сè додека Атина во јавноста го нарекува процесот „враќање“, а Софија објаснува дека предметите не се отпишани од бугарскиот музеј и дека се дадени на „послужување“, јавноста има сосема легитимна причина да побара да го види документот што двете држави навистина го потпишале.
Грчката државна ЕРТ објави фотографии од церемонијата и од дел од 48-те инвентарни единици, а предметите ќе останат изложени во Музејот на византиската култура во Солун до 5 ноември, по што, според грчката страна, треба да бидат предадени на трите институции од кои потекнуваат.





