Претседателот на Движење Беса – Биљал Касами денеска имал средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски во зградата на тетовската локална самоуправа. Зборувале за решенија за кризите во државата.
„Со Христијан Мицкоски разговаравме за соработката на централно ниво, за изнаоѓање на решенија во делот на кризата во која се наоѓа државата, како и во меѓународно ниво, на внатрешен план за економската криза која е посериозна во делот на енергетската криза, разговаравме во делот на тоа како да ги координираме активностите за да имаме побрзи избори и волјата на народот да биде на централната власт, Владата да биде согласно гласовите на народот“ рече Касами.
И Мицкоски рече дека имале конструктивен состанок и разговар за актуелните теми кои ги мачат сите граѓани.
„Разговаравме за актуелната политичка и економска ситуација како што кажа градоначалникот за предизивиците за енергетската криза. Дојдовме до еден заеднички заклучок дека и тоа е заклучок на огромно мнозинство граѓани дека држава оди во погрешен правец, дека Македонија се движи во погрешен правец и дека оваа Влада треба час поскоро да замине за да и тргне на Македонија и граѓаните на Македонија без разлика дали се тоа граѓаните на Скопје, Штип, Тетово, Струга. Колку подолго оваа Влада на СДСМ и ДУИ остане таму каде што е толку повеќе проблеми ќе имаат сите граѓани толку повеќе полни автобуси ќе ја напуштаат Македонија и најголем дел од нив никогаш нема да се вратат, толку повеќе ќе имаме корупција, криминал, ќе имаме лоша економска состојба. Ако некогаш бевме лидери во регионот според економскиот раст и бројот на инвестиции за жал денеска сме на самото дно и поразувачки факт е тоа“ – истакна Мицкоски.