Ковачевски: Имаме најниска цена на електричната енергија во земјите од регионот
„Енергетската криза која што ја имаме е предизвикана од екстерен фактор. Се работи за европска енергетска криза која што јас ја нарекувам финансиско-енергетска, бидејќи електрична енергија има, меѓутоа нејзината цена е неколкукратно зголемена“. Ова денеска го порача премиерот Димитар Ковачевски од Битола. Тој нагласи дека во нашиот електроенергетски систем 30 години не е вложено во нов капацитет.
„Цели 30 години ние практично сме на капацитетот којшто е проектиран и изграден во времето на бившата СФРЈ. Заради неговата дотраеност, бидејќи се работи за капацитети над 50 години старост, работниот капацитет практично е многу помал од тоа што се потребите. Затоа како одговор на кризата која што во моментов владее со Европа во делот на енергетиката, Владата донесе конкретни мерки, а тоа е одржување на ликвидноста на компаниите во енергетскиот сектор преку интервенции од Буџетот. Второ, ставање во погон на сите расположливи капацитети со коишто располагаме – РЕК Битола, Осломеј и пуштање на ТЕЦ Неготино којшто исто произведува сега електрична енергија, како и користење на другите алтернативни, односно обновливи извори на енергија“ – рече Ковачевски.
Додаде и дека се изврши и субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните за да немаме ценовен шок.
„Имаме најниска цена на електрична енергија и најнизок пораст на цената на електричната енергија во земјите од регионот и пошироко. Воедно, секогаш кризата може да претставува и можност и затоа отпочнавме со инвестиции во обновливи извори на енергија, во зелена транзиција коишто веќе се реализираат“ – рече Ковачевски.