Скопје 45 минути беше во мрак – испад на далекувод и пожар во близина на трансформатор се причината

Испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожар во близина на трансформаторската станица, беше причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија во поголем дел од Скопје, делови од Велес и Овче Поле.

Овие два фактори го условија испаѓањето од погон на двата 400/110 кV трансформатори, а со тоа и испадот на целата трафостаница Скопје 4 во населбата Пинтија, соопшти вечерва АД МЕПСО.

„Диспечерите на АД МЕПСО во најбрз може рок воспоставија напон во најголем дел од населените места и таму е нормализирано снабдувањeто со електрична енергија. Дефектите се изолирани и се работи на нивно отстранување. Во оваа прилика АД МЕПСО ги информира граѓаните дека и во текот на вечерва се можни краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија но единствено во насока на сoздавање услови нашите стручни екипи да ги отстранат преостанатите дефекти“ – се наведува со соошштението од АД МЕПСО.

Речиси цело Скопје беше без електрична енергија вечерва од 17:15 до 18:00 часот. Струја немаше во Центар, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Ѓорче Петров.