
Ибраими со хет-трик ја одведе Струга ТЛ на чекор од плеј-оф во Конференциската лига
Струга Трим Лум доби навистина поволна ждрепка за последните две квалификациски кола во Конференциската лига, па по одиграниот денешен натпревар, сега е на чекор од плејофот.
Македонскиот првак успеа да слави со резултат 3:1 против тимот на Есперанж, а херој на стружани беше најдобриот играч од минатата сезона, фантастичниот Бесарт Ибраими.
Напаѓачот постигна три гола и комплетираше хет-трик во големиот триумф на Струга, со тоа што два од трите погодоци беа реализирани од белата точка.
Тимот на Шпетим Дуро во најголем дел од мечот ги контролираше случувањата на теренот и можеше да оствари и поубедлива победа, но сепак имаше и моменти кога правеше грешки, нешто што ќе треба да се избегне на реваншот во Луксембург.
Ибраими го постигна првиот гол од игра и самиот се избори за двата пенали кои подоцна ги реализираше, додека за Есперанж единствениот гол го постигна Штолц на стартот на вториот дел. Во тој момент, гостите намалија на 2:1, но вториот пенал повторно донесе предност од два гола, која ќе биде голем плус пред реваншот кој се игра за седум дена.