„Околу сто македонски државјани има во Украина во моментов, а Министерството за надворешни работи има неколку планови за различни активности и за различни сценарија кои би можело да се одвиваат во наредниот период во таа земја“. Ова е изјавата на министерот за надворешни работи – Бујар Османи на брифингот за актуелните случувања.
„Има четири категории наши државјани во Украина – во првата категорија се амбасадорот и уште еден дипломат во нашата амбасада во Киев и нивните семејства. Бидејќи тие се суштествен персонал за нашата Амбасада и засега нема одлука таа да се затвори“ – рече Османи.
Тој посочи дека дипломатите ќе останат во Украина додека не биде донесена поинаква одлука, но одлучено е нивните семејства да се вратат во Скопје на почетокот од нареднава седмица.
МНР е во договор со Бугарија и доколку се појави потреба за повлекување на двајцата дипломати, има целосно утврден аранжман како тоа ќе се организира.
Одлучено е засега во Украина да останат и околу 30 набљудувачи од Северна Македонија во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ, кои се втората категорија наши државјани во мапирањето на МНР.
„Набљудувачката мисија на ОБСЕ е важна за следење на настаните во Украина и затоа засега се уште немаме одлука да ги повелечеме нашите набљудувачи, но сме во блиска координација со другите земји учеснички, со Секретаријатот на ОБСЕ во Виена и ќе одлучиме кога ќе процениме. Засега само САД имаат одлука да ги повчлечат своите набљудувачи во рамки на оваа мисија на ОБСЕ, но не и други земји“ – рече шефот на дипломатијата.
Во третата категроија се околу 40 наши државјани кои од различни причини се наоѓаат во Украија и 30-ина членови на нивните семејства, со тоа што членовите на семејствата повеќето се украински државјани.
-За нашите државјани ќе го повторам апелот од пред два дена – да ја искористат можноста за комерцијални летови за да ја напуштат државата и да се вратат во Северна Макеоднија. Јавниот повик до државјаните на Северна Македонија коишто се наоѓаат во Украина да ја напуштат земјата беше првиот од нашите планови – рече Османи.
Додава дека дел од плановите почнуваат да се реализираат врз основа на блиска комуникација што МНР оваа недела ја имало со сојузниците.