Стоилковски влета на пресот на Каевски пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ

„После признанието на вина во „Титаник“ Христијан Мицкоски и раководствотo на ВМРО ДПМНЕ мора да си поднесат оставка. Покрај Мицкоски, сите инволвирани во Титаник и други предмети треба да се повлечат од политиката, како Милошоски, Јанушев и многу други. Врхушката на ВМРО ДПМНЕ, клучните играчи на осудениот криминалец Никола Груевски, признаа дека правеле изборен криминал, влијаеле на избирачко право и нелегално ги финансирале изборните кампањи. Сега на граѓаните им е кристално јасно се, се потврди целиот криминал на режимот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“. Ова меѓудругото попладнево пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ го изјави на прес-конференција пратеникот од редовите на СДСМ, Дарко Каевски.

Додека тој испраќаше серија обвинувања до членовите на опозициската партија, му пријде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски и притоа му се уфрли во зборот и бараше одговор како Каевски успеал со државна плата да има во банка, на сметка 4 милиони денари.

„Јавно прашуваме како младиот пратеник и поранешен директор на АМС Дарко Каевски со државна плата за една година се стекнал со имот од три стана и куќа. Како во последната година го зголемил својот недвижен имот за скоро 170 метри квадратни станбена површина? Како Каевски е единствениот триесетгодишник кој на сметка има 4 милиони денари, а не е иноватор или ИТ инженер, од каде му се парите?“ прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.