
Апелациониот суд во Скопје ја намали 18-годишната казна затвор на осум години, на велешанецот Ангелче Николов, кој лани во декември возејќи пијан, двојно побрзо од дозволеното, на пешачки премин ја усмрти 11-годишната Магдалена и ја повреди нејзината мајка, по што побегна од местото на настанот.
Јавноста бурно реагира по повод драстичното намалување на казната на велешанецот, за кого по изрекувањето на првата неправосилна пресуда од велешкиот суд своевремено открија дека претходно двапати бил осудуван за сообраќаен прекршок при што му биле изрекувани забрани за управување на возило, што укажувало дека се работи за лице со ниско ниво на сообраќајна култура, не почитува сообраќајни пропусти и изречените казни не влијаеле на него.
На социјалните мрежи и негови сограѓани коментираат дека бил познат по дивеење со возилото и бил предупредуван дека ако продолжи така, некого ќе убие.
Како што дознава „Фокус”, намалувањето на казната за десет години, било образложено со тоа што Николов е млад човек, а и не бил оженет. Тој ветил дека нема да го повтори тоа кое го сторил, и бил подготвен да се промени и да се вклучи во нормалниот тек на здраво општествено живеење.
Изразил каење, а бил и неосудуван.