Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во македонската Влада Артан Груби во синоќешното интервју за косовската телевизија Т7 изјави дека одлуката за оставки на министрите од редовите на неговата партија – Демократската унија за интеграција (ДУИ) се во функција на интеграциите на Северна Македонија во Европската унија.
Груби изјави дека со одлуката за депонирање на оставките од страна на министрите, ДУИ ѝ го отвори патот на македонската опозиција за да гласа за уставните измени.
Одговарајќи на новинарско прашање, првиот вицепремиер во македонската Влада рече дека со одлуката која вчера ја објави партискиот лидер, Али Ахмети, ДУИ се откажува и од ветувањето дадено на последните парламентарни избори за премиер Албанец во Северна Македонија, и тоа го прави „за доброто на граѓаните и во полза на интеграцијата во ЕУ“.
– Ако ние одиме во опозиција, при што опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) би ги гласала уставните измени, за што се потребни две третини во Собранието, ние сме кажале дека за иднината на нашата земја сме подготвени да се откажеме и од привремена влада и од премиер Албанец и од нашите мандати. Од сé што е политички договор на коалицијата ние се откажуваме, под услов македонската опозиција да ги гласа уставните измени, изјави Груби за Т7.
Членот на раководството на ДУИ потсети дека услов на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за таа партија да гласа за вклучување на бугарското малцинство во македонскиот Устав било „излегувањето на ДУИ и на Албанците од македонската влада и формирањето моноетничка влада“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
– Познато е дека пред два месеци имаше средба меѓу премиерот (Димитар) Ковачевски и опозицискиот лидер, г. Мицкоски, при што Мицкоски нагласи дека единствен услов на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да ги гласа уставните измени, кои се услов за продолжување на нашиот европски пат, е излегувањето на ДУИ и на Албанците од македонската влада и формирањето моноетничка влада на двете главни македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Значи, на опозицијата не ѝ пречи вклучувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот, не ѝ пречи ништо друго, туку ѝ пречи Албанците да бидат во владата и ѝ пречи еднаквоста меѓу Македонците и Албанците, рече Груби.