Џелал Незири: Храбар чекор на Ахмети, ги жртвува интересите на партијата за да нема блокада во евроинтеграцијата

Потегот на ДУИ е стратешки: Од една страна целиот товар за уставните измени го префрла на ВМРО-ДПМНЕ, додека од друга страна ги зајакнува позициите во пресрет на редовните парламентарни избори во пролет или наесен следната година.

Како и да е, мислам дека е храбар чекор на Ахмети со кој, на некој начин, ги жртвува сегашните интереси и позиции на партијата за да не ни се случи нова блокада во евроинтеграцијата. Ова беше една од опциите кои Мицкоски ги предложи за да се усвојат уставните амандмани – широка влада без ДУИ до наредните избори.

Другата опција – брзи избори и етничка коалиција ВМРО-СДСМ, е неприфатлива за ДУИ но и опасна за државата.

Со врачувањето на условните оставки ДУИ фактички го прифаќа условот на ВМРО-ДПМНЕ и ја префрла топката на теренот на опозицијата.

Мицкоски ќе нема аргументи да ги отфрли уставните измени, додека со усвојувањето ДУИ секако би била најзаслужна – е ставот на новинарот и аналитичар, Џелал Незири.