Потпретседателот на ДУИ за Меџити: Немаме страв од формирањето на ново политичко движење

Во ДУИ не постои страв од формирањето на ново политичко движење предводено од нивниот доскорашен сопартиец Изет Меџити. Вака тврди пратеникот и потпретседател на ДУИ, Арбер Адеми.

Тоа е добро организирана, етаблирана политичка организација, која не еднаш, туку повеќе пати поминала низ слични процеси, рече Адеми во емисијата „Клик плус“.

Според него, Изет Меџити и Мерита Коџаџику, која се приклучи на новото движење и ќе делува како опозициска пратеничка, се уште не најавиле официјално разделување од ДУИ.

Адеми тврди дека нема никакво известување дека пратеничката група се намалила или пораснала.

Меџити кој претходно соопшти дека со Коџаџику излегуваат од ДУИ и ќе формира ново политичко движење, на кое се придружува и независниот пратеник Кастриот Реџепи, изјави дека тројцата ќе гласаат за уставните измени.

„Нема дилема како ние тројца ќе гласаме. Ќе гласаме за уставните измени, тие ни се топ приоритет и главен фокус зашто единствена алтернатива е интегрирање во ЕУ, да се спречи иселување на младите и да имаат перспектива овде, во земјава. Од епилогот на уставните измени ќе зависи како ќе се движи државата натаму, рече Меџити пред два дена во интервју.