Битиќи против Стопанската комора: Законот за солидарност е потреба за населението
Законот за солидарност е потреба за населението. Тие пари нема да одат за никакви други активности, туку за да им се помогне на оние на кои им е најпотребно, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
– Сите чекори што Стопанската комора може да ги преземе се легитимни, а потоа и институцијата Претседател на државата и институцијата Уставен суд, ако сметаат дека е моментот да постапат како што Комората вчера укажа, може тоа да го направат. Ние како Влада немаме како да отстапиме затоа што предлогот е веќе испратен во законодавниот дом, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Макпрогрес“.
Стопанската комора на Македонија преку Клубот 100, упати допис до претседателот на Собранието, премиерот и до министерот за финансии со кој бараат да запре донесувањето на законот за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце. Против предложеното законско решение денеска се изјасни и Стопанската комора на северозападна Македонија, а лидерот на опозицијата најави дека во понеделник на собраниската Комисија за европски прашања ќе побараат јавна расправа за законот.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и денеска порача дека Комората ќе ги искористи сите средства што и стојат на располагање за да го спречи донесувањето на Предлог-законот за данок на солидарност.
-Ќе одиме до крај зашто мислиме дека нашите аргументи се издржани и ќе ги искористиме сите средства во Парламентот, кај претседателот на државата и кај Уставниот суд, изјави Азески во одговор на новинарско прашање.