За уставните измени да го поминат собранискиот филтер, потребно е да се согласат најмалку 80 пратеници, но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека уставни измени под бугарски диктат се неприфатливи
Владата вчера по седницата го доставила предлогот за уставни измени до Собранието, а премиерот Димитар Ковачевски очекува плодна дискусија и конструктивна расправа, но и натпартиски консензус за, како што рече, продолжување на евроинтеграцијата на државата.
Тој вели дека сега од нас зависи како и колку брзо ќе го продолжиме и завршиме патот кон членството во Европската Унија.
„Сметам дека се работи за уставни измени коишто не задираат во ниту едно идентитетско прашање, вчера беа објавени – немаше ниту еден негативен коментар. Ние сме мултиетничко, мултиконфесионално општество коешто е пример за Европа во мало и сметам дека нашите пратеници, 120 на број во Собранието, ќе имаат и визија и доблест и храброст, да донесат одлука која ќе значи европска интеграција на државата и пред сè обезбедување подобра, европска иднина и за сегашните и за идните генерации“, кажа Ковачевски денеска.
За предлогот да се усвои во Собранието, потребно е двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници, но ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува иницијатива и велат дека нема да гласаат за уставни измени под бугарски диктат.
А, со измените се предлага бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ да се додадат во Преамбулата од Уставот.
Предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се менува бројот на членовите, и тоа наместо досегашните 19 члена бројот да се зголеми на 43 члена, при што по 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.
Претседателот на парламентот Талат Џафери пред речиси еден месец рече дека Собранието на Република Северна Македонија е во секој момент подготвено да ја почне постапката за уставни измени.