ЗНМ: Осуда за физичкиот напад врз снимателот на ТВ 24 Иван Камчев

Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ остро го осудува вербалниот и физички напад што денеска се случил врз снимателот на ТВ 24, Иван Камчев при што напаѓачот ја оштетил опремата.

Колегата Камчев враќајки се од денешно снимање со колега од МРТВ на патот Градско-Прилеп кај Росоман биле биле сведоци на сообраќајна несреќа. Во обид да го документираат настанот снимателот Камчев бил вербално, а потоа и физички нападнат при што му била оштетена неговата опрема.

Во телефонски разговор веднаш по немилиот настан, колегата Камчев го пријави случајот во ЗНМ и изјави:

-Само што почнав да снимам инсерти, лицето се доближи до мене почна да вика предавници новинари, само некакви права барате и ни се обрати со погрдни зборови. Неколку пати замавна по мене и еднаш успеа да го погоди сталакот и ја оштети камерата.

Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи СВР Велес од каде според информациите на МВР веднаш по пријавата се преземени мерки за расчистување на случајот.

ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира на одговорност од страна на лицето кое физички го нападнал снимателот Камчев и го спречил физички да ја изврши својата професионална работа.

-Потсетуваме дека напад на медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност. Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот, велат од ЗНМ.