Косово ја претстави набавката на турски дронови „бајрактар“

На денешното претставување на дроновите присуствуваа премиерот на Косово, Албин Курти, косовскиот министер за одбрана и врвот на Безбедносните сили на Косово (ФСК).

Косовскиот министер за одбрана изјави дека Косово ќе биде 33. земја што ќе се зачлени во НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина.

Премиерот на Косово, Албин Курти, министерот за одбрана во неговата влада, Арменд Мехај и командантот на ФСК, Башким Јашари, денеска ја претставија набавката на турски дронови „бајрактар“. Не е соопштено колку точно беспилотни летала се набавени од Турција ниту колку чинат. Но, според косовскиот министер за одбрана, набавката на новата опрема е огромен успешен проект.

Косовскиот премиер Албин Курти заедно со министерот за одбрана Арменд Мехај и командантот на ФСК, Башким Јашари.

„Од денот кога го презедов мандатот како министер мој главен приоритет беше купувањето вооружување и опремувањето на ФСК со модерно оружје од последната технологија, кое е со стандардите на НАТО. Дроновите ‘бјарактар’ се последен вид оружје што го купивме, кое сметам дека беше неопходно за одбрана на нашата земја. Овој процес не беше лесен, но со беспоштедна поддршка од премиерот Курти, од Владата и исто така со силната меѓународна поддршка, со која ќе продолжиме да чекориме рамо до рамо како и секогаш, успеавме да го заокружиме успешно и овој огромен проект“, ја пренесува МИА изјавата на косовскиот министер Арменд Мехај.

Според Мехај, набавката на дроновите оди во насока на амбицијата на Косово – да стане 33. земја членка на НАТО.