Еврото зајакнува во однос на доларот: На највисоко ниво во последните 16 месеци
На глобалните пазари, еврото минатата недела скокна за повеќе од 2 отсто во однос на доларот, на највисоко ниво во последните 16 месеци, бидејќи американската инфлација се намалува и инвеститорите очекуваат американската ФЕД наскоро да го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки. Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела потона за 2,3 отсто, на 99,96 поени, блиску до најниското ниво во последните 15 месеци.
Истовремено, курсот на доларот во однос на европската валута се лизна за 2,4 отсто, па цената на еврото достигна 1,1227 долари, а во еден момент и 1,1245 долари, највисоко ниво во последните 16 месеци. Цената на доларот падна и во однос на јапонската валута, за 2,4 отсто, на 138,80 јени.
Доларот се најде под притисок откако низа податоци покажаа дека инфлацијата во САД се намалува.
Меѓу другото, минатата недела беше објавено дека потрошувачките цени во јуни се зголемени за 0,2 отсто во однос на претходниот месец, додека на годишна основа се зголемени за 3 отсто, најмалку од почетокот на 2021 година.
Исто така, беше објавено дека цените на производителите пораснале за само 0,1 отсто на годишна основа во јуни, што е нивен најблаг раст од средината на 2020 година. Сето ова се подобри податоци отколку што очекуваа аналитичарите, па го зајакнаа верувањето на инвеститорите дека американската централна банка наскоро ќе стави крај на циклусот на зголемување на каматните стапки, кој трае повеќе од една година.