Уште една министерска тројка доаѓа во Скопје: Ќе успее ли да го убеди ВМРО-ДПМНЕ?

Уште една министерска тројка денеска пристигнува во Скопје за да ја убеди опозициската ВМРО-ДПМНЕ за потребата од уставни измени и продолжувањето на евроинтеграциите на земјата.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ ќе им биде домаќин на Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк.

Трите министерки доаѓаат во дводневна официјална посета на Скопје, а во рамки на посетата „Вајмарската тројка“ ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи.

Минатата недела во посета на Македонија беа министерките за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, кои мешудругото имаа и средба во Собранието со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски, а министерот за надворешни работи Бујар Османи потоа изјави дека пораката била дека европскиот пат не може да се заобиколи без уставните измени.

„Денеска дојде Европската Унија во Скопје, бидејќи очигледно одењето во Брисел не беше доволно за да им каже на опозицијата дека не можевме да добиеме подобар договор, второ нема да може никој и никогаш да смени една запирка од преговарачката рамка. Никогаш нема да може да се смени преговарачката рамка, затоа што е изгласана од 27 членки, за да се смени сите треба да кажат да, треба да каже и Бугарија“, рече Османи.