Цевките за парно кои беа запалени во пожарот на мостот „Беласица“ во центарот на Скопје почнаа да се отстрануваат. Екипи од ЕСМ Дистрибуција на топлина работат на вадење на цевките и велат дека ќе се вложат максимални напори демонтажата да се заврши во најкраток можен рок.
„И покрај опожарувањето на мостот ‘Беласица‘, во следната грејна сезона која почнува во октомври 2023 ќе има сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа“, велат од ЕСМ.
Мостот „Беласица“ се запали на 12 мај и оттогаш е затворен за сообраќај. Иако експертизата е готова, градоначалничката Данела Арсовска не кажува кога ќе почне санацијата и што вклучува таа.
Експертиза за мостот ја правеше приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски.
Таа покажува дека мостот немал сериозни оштетување и потребна е лесна санација, пренесе „СДК.мк“.