Демократскиот сојуз смета дека наш врвен национален, стратешки и државен интерес се одржување предвремени парламентарни избори и договор за стратешките правци на Македонија. Со најбитната цел – Македонија да се придвижи напред!, велат од партијата предводена од Павле Трајанов.
„Компромисот е одржување парламентарни избори во септември. Тој компромис зависи од СДСМ и ДУИ, чија главна цел е да останат на власт уште неколку месеци по цена и на целосен колапс на државата. Македонија направи тешки и болни отстапки и компромиси, од промена на Уставот, знамето, името, склучување на Преспанскиот договор, па и потпишување на контроверзниот договор за добрососедство со Бугарија. Сите тие компромиси и отстапки беа непринципиелни и надвор од европските и цивилизациските вредности и не обезбедија отворање на вратите на Европската Унија“ се вели во соопштението на ДС.
Оттаму повторуваат „за последните условувања, промена на Уставот со цел Бугарите да бидат внесени во него, без реципроцитет и гаранции од ЕУ, нема компромис“.
Демократскиот сојуз предлага:
„Прво, договор за стратешките цели и коренити реформи во правосудниот систем, владеење на правото, борба против криминалот и департизација на сите институции.
Второ, донесување нов Устав, ослободен од Бадентер, балансер и други решенија кои ја задушуваат демократијата и развојот на државата.
Трето, одржување парламентарни избори во септември.
По изборите, веднаш формирање коалициона Влада, составена од сите партии застапени во Собранието, со тоа што премиерот да го предложи партијата/партиите кои ќе имаат најголем број пратеници“.