Маричиќ за „Гласот на Америка“: Време е за носење одлуки!

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за „Гласот на Америка“ рече дека не е време за предвремени избори, туку време за носење одлуки и дека предвремени избори може да има само доколку опозицијата се согласи веднаш да гласа за уставните измени.

– Само тоа е опција што ние како Влада би прифатиле предвремени избори. Мислам дека не е време за предвремени избори туку е за понесување одговорност и за имплементација на она што ни е обврска. Граѓаните ќе ни бидат благодарни доколку ја завршиме таа обврска пред изборите за да не бидат изборите оптоварени со тоа кој е за, а кој против уставни измени, затоа што тоа ќе нè внесе во нов десетгодишен тунел од кој не знаеме дали ќе можеме да излеземе, како што бевме изминатиот период со спорот со Грција. Тоа не ни донесе подобро позиции и не ни ја зајакна улогата, не ги подобри перформансите ниту внатре во државата ниту не приближи до нашата цел, членство во ЕУ. Затоа не треба граѓаните да бидат предмет на пропаганда и илузија, треба да се зборува отворено и одговорно – изјави Маричиќ.

Маричиќ зборуваше за посетата на САД и пораките кои високите претставници на Стејт Департментот ги испратија, посочувајќи дека имаме шанса која не смееме да ја пропуштиме и која не се знае дали и кога би ја имаме повторно, за која стратешките сојузници бараат лидерство, одговорност и поттик Северна Македонија да оди напред, а не политикантство.

– Пораката е дека постои моментум за Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, за приклучување кон европските интеграции, заедно со и поврзано со ситуацијата во Украина. Дека таа шанса не смееме да ја пропуштиме, втора шанса не знаеме кога ќе имаме, нема да има можност повторно да се преговара и разговара за оние исти прашања кои ги решивме минатото лето со Бугарија, во Францускиот предлог, едноставно е време за лидерство за носење одлуки и за поттик на државата за напред. Не е време за политикантство, не е време за избори и за партиски препукувања. Време е секоја партија и секој пратеник и секој политичар да покаже на дело дека е за исполнување на нашите стратешки приоритети во случајов, исполнувањето на членството во Европската Унија, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Зборувајќи тековни активности и процеси кои ги води Владата, во Скопје и Брисел, Маричиќ напомена дека за тековните активности во Скопје и Брисел Маричиќ укажа дека треба да се туркаат реформите и европските процеси, дека треба да се врати функционалноста на Собранието и да се работи на консензусот за Европската Унија.

– Партиите може да се расправаат на многу теми, но за темата ЕУ не смеат и треба да бидат на една страна, затоа што тоа е во интерес на граѓаните. Чувствувам дека консензусот за ЕУ е нарушен откако ВМРО-ДПМНЕ зазема премногу цврст став дека не ги поддржува уставните измени. Ние не можеме само декларативно да сме за ЕУ, мора да покаже е на дело. Денеска за тоа се уставните измени кои треба да ги завршиме, утре ќе бидат многу други одлуки кои ќе треба пак со 2/3 мнозинство да се носат, а се врзани со конкретни европски политики, дали се тоа реформи во правосудството дали за системски закони, дали е за одлука поврзана со некоја важна политика во животна средина која ќе треба да ја усвоиме, а ќе биде скапа и тешка, ќе има простор каде да се покаже консензусот, но мора да почне денес, порача Маричиќ во интервјуто за „Гласот на Америка“.