Министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека деновиве имале средба со претставници на компанијата „Брако“ за договорот за изградба на модуларни болници. Од планирани десет, три се изградени од нивна страна. Договорено е, како што рече, за трите да платиме со цел да не се оштети буџетот на државата, да ги тргнеме каматите и така се договоривме спогодбено.
– Тоа е веќе судски процес и имаше многу камати. Седнавме со сопствениците од компанијата, се договоривме да ги тргнат каматите, спогодбено, за да се плати тој износ, тоа што имаат изградено, тоа што е во ред, а за другото да се тргнат од тоа што го бараат. Тоа го поминавме во вторникот, во Влада, како информација и за тоа добивме поддршка, рече Меџити одговарајќи на новинарско прашање на Универзитетска клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања каде беше отворен Центар за менаџирање на дебелината.
Министерот за здравство очекува до пред Нова година да се избере компанија и да почне да се гради Клиничката болница во Штип.
На новинарско прашање за Клиничката болница во Штип, Меџити рече дека веќе има одлука на Влада и додаде дека е формирано координативно тело по негова иницијатива.
– Проблемот со Штипската болница го решивме. Петнаесет години не се градеше. Веќе е активирана банкарската гаранција на таа фирма што не ги исполнила условите и дадените рокови неколку пати биле пробиени. Во Влада донесовме одлука со сите засегнати институции и со јавни набавки, како може тоа побрзо да се реши. Тие си дадоа период од шест месеци, тие се некои процедури што треба да се завршат законски и по шест месеци нова компанија да се избере, која ќе почне да ја изгради со брзи точки, рече Меџити.