Ковачевски од Вилнус: НАТО и ЕУ споделуваат исти вредности, евроинтеграцијата главна цел

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија во изјава за медиумите говореше за перспективата на Македонија, како и за тоа што значат донесените одлуки на Самитот, за Алијансата, за нашата држава како НАТО членка и за нашиот регион.

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски:

Заврши уште еден успешен НАТО Самит. Сакам да му честитам најпрвин на домаќинот – Претседателот на Литванија за одличната организација и за гостопримството за сите делегации тука во Вилнус. Во рамки на Самитот, како што и сами можевте да видите, имав билатерални средби со естонската премиерка Калас и грчкиот премиер Мицотакис, како и бројни неформални средби со претседатели и премиери од земјите членки на НАТО.

Покрај суштинските дискусии, имавме и интензивна агенда на состаноци со лидерите на НАТО членките, но и со лидерите на ЕУ, Украина и блиските партнери од Индо-пацификот – Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Како лидери на НАТО земји членки, донесовме суштински одлуки со кои ќе зајакне колективната одбрана и безбедноста на сите наши граѓани.

Прво, ги усвоивме новите регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух. Ова е генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО.

Второ, донесовме Нова заложба за инвестиции во одбраната од најмалку 2% БДП од кои 20% ќе се наменети за модернизација. Ние оваа година имаме 1,85% од БДП наменети за одбрана, односно 274 милиони евра следната година според буџетската проекција веќе достигнуваме 2% БДП, односно 304 милиони евра и ќе го држиме тоа ниво во иднина.

Новите инвестиции ќе помогнат во јакнење на нашите капацитети за одбрана, справувањето со тероризмот, со растечките сајбер и хибридни закани, како и злоупотребата на нови технологии.

Трето, одлучивме да продолжиме со недвосмислена и силна поддршка за Украина. Ние имаме како држава многу јасна позиција и Македонија секогаш ќе го поддржува правото на самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Ние сме понова НАТО членка и како таква сме силни поддржувачи на политиката на отворени врати, благодарение на кое и станавме земја членка на НАТО, а НАТО веќе има донесно одлука во 2008 година дека Украина треба да стане полноправна членка.

На овој Самит го формиравме Советот НАТО-Украина што претставува историски чин и денес се одржа првиот состанок на Советот на НАТО – Украина на кои присуствуваа и претседатели и премиери на сите земји членки на НАТО и претседателот на Украина заедно со неговиот тим и го усвоивме надградениот пакет за долгорочна поддршка за Украина, за поддршка на реформите и трансформација на нивните воени сили согласно НАТО стандардите.

Денес, беше објавена и заедничка декларација на Г7 со Украина, која ја поздравуваме и поддржуваме и која во иднина ќе биде корисна рамка за нашата поддршка на Украина.

Говорејќи за силните партнерства, за нас како држава и како регион, од суштинско значење е блиската соработка меѓу НАТО и ЕУ за која сите овде присутни можеа да се уверат. Во моите изјави деновиве, меѓутоа и во изјавите на претставниците на државите од ЗБ, напоменав дека соработката НАТО-ЕУ суштински влијае на одржувањето на безбедноста и стабилноста и на забрзувањето на евро-интеграциските процеси во регионот.

Македонија како НАТО членка, со започнати преговори за членство во ЕУ, неспорно делува како фактор на стабилност на Западен Балкан. Ќе продолжиме посветено и конструктивно да придонесуваме за развој на регионалната соработка и консолидација на стабилноста на нашиот регион.

Токму затоа активно работиме и сме целосно посветени на остварување на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. Јас многу пати сум говорел дека е членството во ЕУ е втора стратешка цел на државата, првата стратешка цел е остварена – членството во НАТО и вие медиумите можевте да се уверите што и како изгледа да се седи на иста заедничка маса со најсилните земји во светот.

Благодарение на тешките одлуки кои ги бевме донеле и визионерски денес ние сме дел од НАТО – Алијансата.

И двете стратешки цели од нас бараа да донесеме храбри и визионерски и државнички одлуки, а нашите граѓани не заслужуваат ништо помалку од таа визија без политички калкулации.

НАТО јасно нагласува дека Западен Балкан е регион од стратешко значење што може да се види и од комуникето што е споделено.

Посветеноста на НАТО на стабилноста и безбедноста е преку поддршката на реформите кои ќе придонесат за напредок во аспирациите на земјите од регионот за членство во НАТО и ЕУ.

Ова е еден исклучително значаен заклучок којшто потврдува дека НАТО Алијансата споделува исти вредности со ЕУ и поддршката која земјите членки на НАТО ја даваат на регионот е токму во насока на зачленување на нашата и на другите земји од регионот во ЕУ.

Тоа во превод значи дека секое кочење кое политички партии пред се од опозицијата го прават во нашта држава и тука најмногу мислам на ДПМНЕ и кое што го прават во Собранието и во однос на блокадите на реформите и во однос на несоработката за одлуката за уставните амандмани, е директно и активно работење против ЕУ, а со тоа и против НАТО и стабилноста и безбедноста на регионот. И ова, повторно е јасно за сите тука, и за нашите НАТО сојузници, и за парнерите на НАТО, односно ЕУ кои се денеска тука со нас.

Освен тоа, НАТО продолжува да ги засилува политичкиот дијалот и практичната соработка во насока на поддршка на реформите, регионалниот мир и безбедност и справувањето со малигни влијанија вклучително дезинформациите, хибридните и сајбер зајаните кои доаѓаат од државни и недржавни актери.

Демократските вредности, владеење на правото, домашните реформи и добрососедските односи се витални за регионалната соработка и евро-атланските интеграции, и истите ќе донесат очекуван развој.

Благодарение на одлуките кои ги донесовме во текот на изминатиот период, денеска како земја членка ја имаме целата поддршка на сојузниците, НАТО е тука за нас кога се справуваме со хибридните закани, НАТО е тука за нас кога ја јакнеме Армијата, а благодарение на стабилнсота и сигурноста која ја имаме како НАТО членка, имаме и рекорден број на странски инвестиции во текот на сите изминати години споредени со сите други години во износ од 754 милиони евра која што е направена во најкризната година по втората светска војна.

Исто така имаме историско намалување на невработеноста и историско зголемување и на пензиите и на платите. Сигурно дека удел во вакви показатели има и сигурноста и безбедноста на инвеститорите во државата.

Ќе продолжиме по истиот пат да работиме забрзано и на членството во ЕУ, затоа што покрај безбедноста, енергетиката и економијата, пристапните преговори со ЕУ значат реформи во владеењето на правото и подобар стандард за живот на граѓаните.