Нов обид да се најде решение за платите во јавниот сектор меѓу Синдикатите и Владата

Синдикатите и Владата денеска повторно на средба во обид да се најде заеднички прифатливо решение за зголемувањето на платите и за методологијата за раст на платите во јавниот сектор.

Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека според климата и интензитетот на разговори блиску се до постигнување на договор.

Не откривајќи детали бидејќи преговорите се уште се во тек, Бесими посочи дека е прифатливо коефициентот да се воведе како нов модел и дека неговото врзување со просечната бруто плата, доколку се согласат со синдикатите, би се реализирано од март 2025 година.

Оптимизам има и кај Синдикатите. По последниот состанок во Министерството за финансии, тие изјавија дека има напредок во преговорите и доближување на ставовите.

Очекуваат двоцифрено зголемување на платите од септември и исплата на регрес за годишен одмор, а од март 2025 година да почне новата методологија за раст на платите.

„Инфлацијата е 14,2 проценти, порастот на минималната плата е 12,55 проценти и просечната плата минатата година пораснала 10,9 проценти. Ние како претставници на работниците сметаме дека тоа треба да биде стартна основа на која ќе го градиме заедничкиот однос и доверба со потпишувањето на Општиот колективен договор“ – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.