(Видео) Тензична ноќ во Комунална хигиена: Вработените бојкотираат, бараат покачување на платите

Директорката на Комунална хигиена, Косана Мазнева синоќа со полиција стигна во дирекцијата на Јавното претпријатие, барајќи прекин на бојкотот на вработените, додека тие и порачаа да им ги покачи платите и да ги врати вработените.

Ова се случува откако директорката на Комунална хигиена не им го продолжи договорот на стотина лица, за кои тврди дека 20 години земале плата, а не оделе на работа. Таа вчера кажа и дека од нив добивала закани по живот. Обвини дека оваа група им се заканува на останатите вработени да не излегуваат и да работат и затоа вели таа, на 40 степени во среде лето не се собира ѓубрето и се загрозува здравјето на граѓаните на Скопје.

„Разговаравме за револтот и попречувањето на работниот процес, што е спротивно на законот. Ќе разговараме од понеделник. Работата треба да продолжи, а законите мора да се почитуваат“, изјави Мазнева по посетата синноќа во дирекцијата, по што еден од вработените ја прекина довикувајќи: „исполни ги условите, покачи ги платите“.

Вработените потоа продолжија: „Покачи ја платата 50 отсто и веднаш излегуваме на терен. И врати ги вработените“.

Директорката им одговори дека ќе добијат К15.

Додека си заминуваше продолжија да се слушаат извици: „Покачи ја платата“.

Вработените трет ден одбиваат да работат и бојкотираат, а градот се гуши во смет.