Новиот претседавач со Комисијата за финансирање и буџет, најмладиот пратеник во Собранието – Бојан Стојаноски, кадар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за „Утрински брифинг“ вели дека не му е јасно зошто се смета дека е блокирана Комисијата за именувања, а во врска со именувањето на четворицата Уставни судии што недостасуваат. Стојаноски вели дека едниот пратеник што недостасува во таа комисија е од СДСМ, оној кој стана градоначалник на Струмица.
„Ако има квалитетни предлози за уставни судии, можеме да ги избереме уште денеска“ – вели Стојаноски и додава дека претседателот на Парламентот – Џафери може веднаш да ја свика Комисијата за избори и именувања.
Една од точките пред Комисијата за финансирање и буџет е Законот за игри на среќа според чии измени објектите за коцкање треба да бидат подалеку од објекти во кои престојуваат деца.
„Ние се согласуваме обложувалниците да бидат подалеку од училишта, но не ни е јасно зошто се брза со ова законско решение кога многу побитни закони уште чекаат. Би сакал да го слушнам мислењето на СДСМ, но би рекол дека интересот на граѓаните треба да биде пред интересите на бизнисот“ – вели Стојаноски.