Брнабиќ-Петков: Важно да видиме напредок во евроинтеграциите на нашите пријатели од С. Македонија

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска беше во официјална посета на Белград, а таму имаше разговори со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

Теми на разговор беа економскиот аспект, пред се на јакнење на енергетската соработка особено во поглед на гасното поврзување и инфраструктурата, како и иницијативата за заеднички енергетски и гасен пазар на регионот.

Брнабиќ на својот бугарски колега Петков му кажа дека „она што е исклучително значајно, немешајќи се во внатрешни прашања на други држави и партнери е што вашата прва посета беше на Северна Македонија, што говори доволно што вие како премиер посветувате внимание на регионот на Западен Балкан и на евроинтеграциите на Западен Балкан.“

„Мене како премиер на прво место ми се евроинтеграциите на Србија, но заради регионалната стабилност на целиот Западен Балкан исклучително ми е важно да видиме напредок на европскиот пат на нашите партнери и пријатели од Севрна Македонија, секако и на Албанија и БиХ и благодарам што со тој пат покажавте исклучителна посветеност на решавањето на сите отврени прашања, за да сите имаат европска перспектива“ рече Брнабиќ.

Според Петков, регионалното поврзување е важно за Софија како услов за економски развој, со акцент на енергетската поврзаност.

„Заедно сме многу посилни и во преговорите со земјите надвор од регионот, нашата поврзаност со Грција е приоритет за Бугарија за да има директен пристап до течен гас, а постои голем потенцијал за заеднички пазар на гас. Обединети ќе можеме зедно да преговараме за цените за течен гас. Бугарија сака да купи три милијарди метри кубни гас, Србија шест, Република Северна Македонија две и да имаме заеднички пазар со максимална диверзификација за да може да купуваме од различни места и да имаме подобри цени и услови што води кон подобра независност“ рече Петков.