Обвинителката Трајчева за пресудата за „Софтвери“: Не сум задоволна, но обвинението се докажа

Обвинителката најави дека ќе се жали затоа што судот не ѝ го прифати предлогот за определување мерка притвор за четворица обвинети, а исто така ќе поднесе жалба и затоа што Рашковски не беше прогласен виновен за третото кривично дело кое му го стави на товар – фалсификување исправа.

Обвинителката Ивана Трајчева, која го водеше случајот „Софтвери“ за кој денеска беше изречена осудителна пресуда, во изјава за медиумите рече дека не може да каже оти е задоволна, но оти се докажало она на што се темелено обвинението.

„Не можам да кажам задоволна, но сметам дека за она за што беше поставено обвинението и за што се истражуваше и докажуваше во текот на постапката, се докажа и сметам дека се донесе правилна одлука“, рече Трајчева.

Првообвинет во случајот е поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, кој со денешната пресуда неправосилно е осуден на осум години затвор. Затворската казна тој ја доби за кривичните дела злоупотреба за службената положба и овластување и перење пари. За делото фалсификување исправа, пак, не беше прогласен за виновен.

Станува збор за дело кое обвинителството му го стави на товар на Рашковски на крајот од судскиот процес, а со оглед дека за него беше ослободен од страна на судот, Трајчева најави жалба до Апелација.

„Обвинението беше проширено за фалсификувана исправа во смисла дека е поднесен документ со невистините податоци. Обвинителството не рече дека самите податоци беа издадени лажно од страна на банката туку начинот на кој обвинетиот ги презентираше пред судот беше лажен дотолку повеќе што и самата банка наведе дека е баран селектиран извод од банкарска картичка кој на крајот дава многу различна состојба од онаа реалната. Од тие причини беше проширено обвинението за кривичното дело фалсификување исправа односно дека се употребени невистинити податоци и во тој дел ќе има жалба по однос на пресудата“, рече Трајчева.