60% од Бугарите сметаат дека земјата има корист од членството во ЕУ

49% од Бугарите сметаат дека членството во ЕУ е добра работа, а 13% имаат негативен став кон сето тоа.

Ова го покажува  истражување на „Евробарометар“ по нарачка на Европскиот парламент, спроведено на крајот на минатата година.

Поддршката за ЕУ ​​во Бугарија, во споредба на 2020 година е за 7% помала, а негативното расположение се зголемува за 4%.

Уделот на бугарските граѓани кои сметаат дека земјата има корист од нејзиното членство во ЕУ и понатаму е висок – 60%.

Бугарските граѓани придобивките од ЕУ ги гледаат главно како можности за работа, подобрена соработка меѓу Бугарија и другите европски земји и одржување на мирот.

Главни приоритети, според анкетираните, се владеењето на правото и слободата на движење – со еднаков резултат од 32%, а второ и трето место се почитувањето на националниот идентитет, културата и традициите во земјите членки и солидарноста меѓу земјите и регионите во Заедницата.