„Перспективатa на Западен Балкан е од политички и економски интерес на ЕУ“

„Поддршката на Грција за европската перспектива на Западен Балкан“ рече грчката претседателка Катерина Сакеларопулу за време на средбата со претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ. Таа додаде дека членството на регионот во ЕУ е од политички и економски интерес на самата Унија.

„Грција верува дека во времиња на зголемени глобални предизвици, како што е ова низ кое минуваме, европската перспектива на Западен Балкан, односно нивна целосна интеграција во Европската Унија е од политички и економски интерес на Европската унија, но тоа е и поттик за овие земји да ги направат неопходните реформи“ – рече Сакеларопулу.

Додаде и дека Црна Гора има направено важен напредок во процесот на преговори и порача дека во рамките на грчката поддршка е и „апсолутната поддршка на Грција на иницијативата на француското претседателство со Советот, за да не се изгуби моментумот на политичката за проширување на Западен Балкан“.

Сакеларопулу и Ѓукановиќ истакнаа дека нивната средба има особена важност, со оглед на тоа дека е прва на претседател на Црна Гора на Грција по независноста на земјата во 2006 година.