„Наместо да биде лидер на европската интеграција на Северна Македонија, Бугарија нема интерес да ја обиколи соседната држава со нов Берлински ѕид“/ Ова во изјава за „Еурактив“ го вели бугарскиот професор – Иво Инџов, експерт за политички комуникации.
Според него, Бугарија не може да си дозволи да го блокира својот западен сосед долго време бидејќи тоа ќе создаде нов антибугарски бран во македонското општество.
Инџов смета дека бугарскиот премиер Петков е во право дека со интензивирањето на економската соработка, може да се создаде атмосфера на доверба меѓу двете држави.
Бугарскиот професор по историја – Стефан Дечев, пак, верува дека надворешната политика треба да се остави да ја води Владата во Софија.
„Единствениот проблем што го гледам е дека Владата не ги користи медиумите на најдобар начин за да ја објасни својата политика“ – вели тој за „Еурактив“.
Во текстот „Берлинскиот ѕид допрва треба да падне за Скопје“ на „Еурактив“ се потсетува дека Петков се обидува да го промени пристапот кон Скопје со цел да го надомести изгубеното време, како што вели, 30 години.
Во отсуство на политика, се наведува во текстот, медиумите пренесуваат остра реторика – на пример, бугарското МНР, по средбата на Пендаровски со претставници на „ОМО Илинден“.
Во Бугарија оваа организација беше регистрирана како партија во 1999 година, но регистрацијата беше укината една година подоцна. Радев ги нарече нивните претставници дека имааат „сепаратистички ставови и претензии кон малцинство“ – токму поради овие причини организацијата беше прогласена за неуставна.