Николоски: 30 години слушаме дека треба да го смениме „само уште ова“, бугарските барања и понатаму ќе продолжат

Малку милитаристички звучи пораката од Бугарија и бугарскиот кабинет на новиот премиер дека ќе бидат извор на мирот, не звучи така добро бидејќи алтернативата е извор на војна, а ние сме во еден вид ладна војна со Бугарија затоа што го попречува напредокот на Македонија кон ЕУ. Тоа е една работа, другата е што видовме две различни соопштенија денес за ист телефонски разговор, едно од бугарската влада. Во соопштението на бугарската влада бараат веднаш уставни измени со цел влез на Бугарите во Уставот, а во соопштението од македонската влада има општи флоскули за пријателство, добрососедство така што некој лаже, не може да се толку различни соопштенијата, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на вечерашното гостување во емисијата 10 Минути што се емитува на телевизија 21 коментирајќи го разговорот меѓу новоизбраниот бугарски премиер, Николај Денков и Димитар Ковачевски во кој Денков рекол дека овој кабинет ќе биде извор на мирот.

Според Николоски бараните уставни измени се само врвот на ледениот брег и тоа е она што може да се види.

„А тоа што не се гледа, а потенцијално би се гледало е тоа дека нивната западна граница да е поназапад и мислат дека треба да граничат со Албанија, мислат дека тука живее население кое има бугарски корени, кое зборува дијалект на бугарскиот јазик и таа политика не е сменета затоа стартуваат со уставни измени, па потоа да продолжат со други барања и тоа да нема крај“, кажа Николоски.

Николоски посочи дека тоа што го бара Бугарија нема врска со критериумите за ЕУ.

„Прашањето е дали разговараме за критериумите за ЕУ кои јас инсистирам дека мора да ги спроведеме, зошто целата е ефикасен правен систем и економска благосостојба и до тука јас сум прв кој бара целосно да се спроведе се. Проблемот со Бугарија е што немаат забелешки во овој дел, туку во делот на македонската самобитност, тоа никој го немал како услов.

Бугарија сака ова да го постои како приказна која не завршува и да вика само уште ова. Од 1993 кога го сменивме името, ние слушаме само ова, значи од промена на името е исто и нема крај. Животите на сите 30 години им поминаа со само уште ова, само тоа го слушаме“, посочи Николоски кој уште еднаш повтори „уставни измени под бугарски диктат ќе нема, постапката има три фази и воопшто нема да почнеме прва фаза која е отворање на постапката, ние уште тука ќе гласаме против“.