Косовска полиција: Двајца Албанци физички нападнати во Митровица

Во северниот дел на Митровица синоќа двајца Албанци биле нападнати од група непознати лица при што еден од нив е полесно повреден, соопшти денеска косовската полиција.

Според полицијата, инцидентот се случил околу 20.00 часот. Тие наведуваат дека двете момчиња од албанска националност биле нападнати од најмалку 15 за нив засега непознати лица.

Тие во полиција изјавиле дека меѓу напаѓачите имало и лица кои со маски го кријат лицето, пренесува Косев.

„Две жртви, од машки пол Албанец/Косово, пријавиле дека биле физички нападнати од 15-20 непознати лица, од кои некои биле со маски.

Еден од нападнатите, како што тврдат, се здобил со повреди, за што му била укажана лекарска помош.

Полицијата истражува“ велат оттаму.

Во исто време, синоќа – но околу полноќ, граѓаните од северниот дел на Митровица слушнале две детонации.

Портпаролот на косовската полиција Ветон Ељшани за медиумите изјави дека всушност едниот бил во Митровица, а другиот во правец на Звечани.

Воедно рече дека полицијата не е известена за материјална штета и дали има повредени, а се сомневаат дека се работи за пиротехничко средство.