Министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната вежба во касарната Јане Сандански во Штип со новите оклопни возила најави дека ќе има повторно отворање на Законот за служба во Армијата со кој ќе ги приспособат условите за работа, но и обврските на војниците.
Таа објасни дека иако лани биле направени законски измени, и годинава повторно ќе има измени за да се направат потребните подобрувања.
„Во касарната во Штип се спроведуваат главните задачи на НАТО, но покрај во опрема инвесираме и во развој на човечки капацитети. Не може да имате силна Армија само со опрема, а да не вложувате во човечккиот капитал“, рече Петровска.
За новите возила на кои припадниците на Армијата веќе се обучуваат во касарната во Штип, таа рече дека се дел од модернизацијата на Армијата и од исполнувањето на планираните НАТО цели за способности.
„Лани имавме испорака шест вакви возила, а годинава 26. Тие се веќе во употрена и припадниците на Армијата веќе се обучуваат за нивно користење. Ќе има испорака на уште вакви оклопни возила со цел да го комплетираме опремувањето на лесната пешадиска бригада“, рече Петровска.
Американската амбасадорка во МАкедонија Анџела Агелер рече дека и честита на министерката за одбрана и на мнародот на Северна Македонија за набавката на лесни оклопно тактички возила.
„Ова е многу важен ден, тие ќе бидат од голема корист за зголемување на интероперативноста во рамките на НАТО. Ова е добар чекор во правец на понатоамошниот процес на модернизација на армијата“, рече Агелер.