Знаци надеж во потрагата по исчезната подморница, авион детектирал подводни звуци

Утринава по полноќ на канадскиот остров Њуфаундленд се појавиле први извештаи кои упатуваат на потенцијални знаци на надеж во потрагата по подморницата „Титан“ за обиколка на остатоците на бродот „Титаник“, која со петчлен екипаж пред три дена исчезна во водите на северниот Атлантик.

Медиумите објавија протечени извештаи испратени до Министерството за внатрешна безбедност на САД, според кои канадски авион детектирал подводни звуци на удари во интервали од 30 минути кои доаѓале од областа каде што американски и канадски спасувачки екипи трагаат по исчезната подморница.

„П8 (поморското летало) регистрираше звуци на удирање во областа на секои 30 минути. Четири часа подоцна беше распореден дополнителен сонар и сè уште се слушаше удирање“ – пренесе Би-би-си.

„Се слушнаа дополнителни акустични повратни информации кои ќе помогнат во векторирање на површинските средства и исто така укажуваат на надеж за преживеани“ – се вели извештајот на Си-ен-ен.

Еден час по пишувањето на медиумите американската крајбрежна стража утрово соопшти дека канадски авион открил подводни звуци во потрагата по подморницата.

По ова дошло до преместување на масовната операција за пронаоѓање на подморницата, која во неделата по локално време изгуби контакт со нејзиниот матичен брод „Полар принц“ (Polar Prince), еден час и 45 минути откако нурна на дното на Атлантскиот Океан.

Досегашната потрагата не даде резултати, а како што беше кажано на прес-конференција вчеравечер, екипажот на малата подморница има резерви на кислород за уште 40 часа.