Момчето кое вчера застрела наставник во БиХ е пренесено на психијатрија, непозната е локацијата

Малолетникот кој вчера застрела наставник во Лукавац во БиХ, е пренесен на психијатрија.

Сега следи постапката на неговото вештачење, а потоа истрагата ќе биде прекината, затоа што како малолетник не може кривично да одговара, пренесува Српскаинфо. Meдиумот пишува дека момчето е на тајна локација. Нема да биде препуштен самиот на себе, туку ќе биде под надзор на стручњаци, велат од Центарот за социјални работи. Оттаму не откриваат на која локација се наоѓа детето, за да ги заштитат неговите интереси.

Ученикот со иницијали Г.М., кој нема навршено 14 години, вчераутро во Основното училиште „Лукавац Град“ неколку пати пукал со пиштол во правец на професорот по англиски јазик и помошник директор на училиштето, Недим Османовиќ.

Неофицијално, тој го застрелал наставникот со пиштол што му припаѓал на неговиот починат дедо, а оружјето го нашол на поткровјето од куќата. По смртта на дедото, таткото на момчето требало да го предаде пиштолот на полицијата, што не го сторил. Полицијата го уапси таткото вчера во доцните попладневни часови.

Според Кривичниот законик на ФБиХ, овој малолетник не може кривично да одговара за стореното дело. Како што објаснуваат од Обвинителството на кантонот Тузла, законските одредби налагаат целиот настан да биде документиран, а сите надлежни институции ќе ги достават своите извештаи до Обвинителството.

Во случајот веднаш е вклучен Центарот за социјална работа, а контактирани се и надлежните институции кои се занимаваат со детските прашања.

Наставникот е на одделението за интензивна нега во Тузла. Како што соопшти портпаролката Ерсија Ашчериќ за порталот N1 БиХ, повредениот е тргнат од кислородна поддршка.