Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на Преспа форум дијалог имаше воведно излагање на сесијата со наслов: „Проширувањето на ЕУ во променливата геополитичка динамика”, на која рече дека мора да го обновиме ветувањето од Самитот во Солун и ова лето со јасен план ЕУ да го приближи регионот кон членство.
„Потребна е јасна визија кон Западен Балкан и потребна ни е поблиску Европската Унија. Нема време процесот на проширување да се одолговлекува, со проактивен и поефективен пристап и од ЕУ и од наша страна треба да дадеме шанса ветената перспектива да ја исполниме заеднички”, посочи вицепремиерот Маричиќ.
Тој додаде дека геополитичките околности отсекогаш влијаеле на динамиката на проширувањето на ЕУ и затоа руската агресија врз Украина го врати фокусот на Западот кон Западен Балкан, што Маричиќ го гледа како вистинска шанса што треба да се искористи мудро од земјите во регионот.
Соговорник на панел сесијата беше и ирскиот министер за Европа, Питер Бурк, кој кажа дека ЕУ е повеќе од заеднички пазар и дека претставува заеднички вредности и обединетост во различностите, посочуваји дека е силен поддржувач на проширувањето бидејќи членството во ЕУ донесе многу предности во ирското општество и дека тоа вреди.
Учеснички на панелот беа и министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ и главната преговарачка со ЕУ на Република Албанија, Мајлинда Дука, кои посочија дека е потребна забрзана интеграција во приоритетните области за да има опиплив напредок, за што како што рече Мишчевиќ потребно е да се премине од пријателски кон сојузнички однос помеѓу Западен Балкан и ЕУ.
„Домашните реформи во клучни области како правосудството придонесува за инвестирање во кредибилноста на процесот – мотивот за спроведување на тешки и болни реформите треба да е подобрување на животниот стандард на граѓаните, а не признанија”, смета Дука.
Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика рече дека „во последните десет години нема проширување во ЕУ, па се чини како домашниот капацитет и ангажманот од ЕУ е изгубен.
Анжеј Франгеш пак беше јасен дека е потребна позитивна условеност и јасна рамка за проширување, сè со цел овозможување на покредибилно и побрзо проширување на ЕУ.
„Национална кохезија и стратешки компас насочен кон ЕУ е прав начин за пристапување во Унијата. Словенија ќе продолжи да го поддржува регионот и да ги потенција достигнувањата на земјите од Западен Балкан кај европските партнери”, додаде словеничкиот дипломат, Франгеш.
На сесијата учествуваа и Мартин Дворак, Хелене Холм-Петерсен и Деа Елмаслари, под модераторство на Програмската директорка на Центарот за европска политика (CEP), Милена Лазаревиќ.