Битиќи на Преспа форум дијалог: Договорот од Преспа ги урна бариерите

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на панел дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан“, во рамките на Преспа форумот за дијалог 2023 рече дека е важно да се потсети дека во изолација нема просперитет, има само алчност и тврдоглавост. Токму поради тоа што го направивме пред пет години, денес сме собрани овде на овој Преспански Форум за дијалог за да славиме, но и да се потсетиме на постулатите за напредок и просперитет.

„Договорот од Преспа отвори ново поглавје во регионот, отворајќи го патот кон просперитет и стабилност. Покрај унапредувањето на дипломатските односи и соработката меѓу Грција и Северна Македонија, го поттикна и економскиот раст и промовираше прекугранични иницијативи меѓу двете земји. Понатаму, договорот од Преспа имаше домино ефект и во поширокиот балкански регион. Договорот од Преспа го отвори патот кон просперитетот со отстранување на бариерите, поттикнување на соработката и инспирација на другите народи. Создаде позитивна траекторија за економски развој, политичка стабилност и регионална интеграција, носејќи трајни придобивки за Грција, Северна Македонија но и за целиот регион на Западен Балкан“ рече Битиќи.

Говорејќи за интеграцијата во Европската Унија, претседателката Урсула фон дер Лајен, рече тој, претстави сеопфатен план од четири столба за приближување на Западен Балкан до ЕУ. Овој стратешки план опфаќа низа иницијативи дизајнирани за справување со клучните предизвици и зајакнување на врските меѓу регионот и ЕУ.

„Планот е изграден на четири важни столба – приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на регионалната економска интеграција, забрзување на основните реформи и зголемување на претпристапните фондови во Светска банка. Овој план поставува јасна структурирана иницијатива за напредок на регионот кон интеграција во ЕУ. Тој нуди перспективна рамка за унапредување на стабилноста, соработката и заедничкиот просперитет на Западен Балкан. Овој пат кој води кон просперитетот на ЕУ има и сложеност, меѓусебна зависност, раст, мудрост и колективна одговорност. И бидејќи договорот од Преспа има значење во рамките на европската интеграција и основната идеологија на Европската Унија, нејзината основа е токму во Европската Унија која е изградена врз принципите на соработка, мир и остварување заеднички цели. Со изнаоѓање заемно прифатливо решение, договорот ја одразува посветеноста на ЕУ за мир и регионална стабилност“ смета Битиќи.