Ученикот кој вчераутро застрела наставник во основното училиште во Лукавац, БиХ, од полициска станица е префрлен на Клиниката за психијатрија.
Сега следи постапката на неговото вештачење, а потоа истрагата ќе биде прекината, бидејќи како малолетник не може кривично да одговара, пренесува Српскаинфо.
Ученик со иницијали Г.М., кој се уште нема 14 години, вчераутро во Основното училиште „Лукавац Град“ во Лукавац извршил крвав чин кога неколку пати пукал со пиштол во правец на професорот по англиски јазик и помошник директор на училиштето, Недим Османовиќ.
Неофицијално, тој го застрелал наставникот со пиштол што му припаѓал на неговиот починат дедо, а оружјето го нашол на поткровјето од куќата. По смртта на дедото, таткото на момчето требало да и го предаде пиштолот на полицијата, што не го сторил, а тој бил уапсен во доцните попладневни часови.
Веднаш по страотниот чин, полицијата успеала да го совлада момчето, а тој речиси цел ден го поминал во полициска станица. После тоа тој е префрлен на Клиниката за психијатрија, а според законските прописи сега ќе му се вршат вештачења.
Според Кривичниот законик на ФБиХ, овој малолетник не може кривично да одговара за стореното дело.