„Има еден човек кој сака да предизвика војна“: Вучиќ со обвинувања кон Курти по апсењето на косовските полицајци
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ѝ се обрати на јавноста по апсењето на тројцата косовски специјалци кои во полна воена опрема упаднале на територијата на Србија.
„Важни се неколку работи, за да се избегнат шпекулациите, сега сме на крстосница дали ќе имаме мир или не затоа што има еден човек кој сака да предизвика војна, а тоа е Аљбин Курти, во тоа не се сомневам. Се плашам дека враќањето во нормала ќе биде тешко“, рече тој.
Зборувајќи за забраната за увоз на српски стоки што беше воведена денеска, Вучиќ рече: „Не можете да забраните увоз на српска стока според прописите што постојат денес, не можете и не смеете. Второ, покажувате дека сакате да го изгладнете народот на северот на Косово, да ги оставите без лекови, основна храна, леб, млеко. Ова ја покажува нивната намера засекогаш да го избркаат српското население од северот на Косово“, рече Вучиќ, пренесе „Блиц“.
Кажа дека информацијата за апсењето на тројца вооружани членови ја добил околу еден часот, а еден или двајца од нив кажале дека не знаат како да го користат ГПС системот што е пронајден кај нив.
„Курти вели „имаме сомневање дека српската војска извршила киднапирање на специјалци или како и да ги нарекуваат. Овие луѓе немаат што да бараат на тој простор без одобрение на КФОР со долги цевки. Сакате да убивате луѓе? Дали за сето тоа го известивте КФОР? Имаме докази дека не сте го направиле тоа“, објасни тој.
Кажа дека целата ситуација ќе биде претставена пред претставниците на ЕУ и на Квинтата наутро.
„Не знам што се случува на територијата на Косово и Метохија, бидејќи немаме право да влеземе според резолуцијата 1244 без одобрение на НАТО и тоа го почитуваме. Гарантираме дека ниту еден српски војник или припадник на српскиот МУП не влегол преку административна линија, никој! Ги апсиме на 1,8 км од административната линија, на делницата Орахово-Гњилица, која е многу далеку од Тресава. Курти вели дека е на 300 метри од линијата, а и да е 300 метри, што барате на 300 метри без дозвола на КФОР. Нашата армија е стационирана на 5,1 километар од административната линија по воздушен пат, а по копно и се потребни речиси 20 километри“, рече Вучиќ.
„Нашата армија беше оддалечена 20 километри од местото на апсење, тоа е лесно проверливо. Што правеа таму, дали бркаа некого, не ни кажаа. Тие само рекоа дека не знаеле дека ја преминале границата. Подготвени сме да ги дадеме сите информации, ние сме сериозна земја, овие луѓе не беа тепани или малтретирани како Србите што ги уапси полицијата на Курти“, изјави Вучиќ.
Зборувајќи за Курти, тој рече дека премиерот на Приштина сака војна. Знаел дека се одржуваат состаноци во Брисел, и вчера сакал да предизвика немири, направил се’ за да дојде до војна и да каже дека Србија е виновна.
„Курти фантазира да биде Зеленски, да има воена биографија. Јас би сакал да избегнам да ја има таа биографија. Луѓето од КиМ се во страв, но луѓето треба да знаат дека ние не учествувавме во ескалацијата, туку дека работиме на деескалација. Но, имате луѓе кои копнеат да прават инциденти секој ден. Сакаат да провоцираат, сакаат конфликти, да внесат немир меѓу Србите до нивното конечно протерување од северно Косово“, рече тој.
Косовските специјалци Рифат З., Беќир С. и Мустафа Ш. биле уапсени откако антитерористичката единица на МУП на Србија ги разоткрила на околу еден километар од административниот премин, во општина Рашка.
Тие биле уапсени во полна воена опрема, со муниција, мапи и ГПС. Како што истакна на денешната прес-конференција, генералниот секретар на МВР, Жељко Бркиќ, со возило „Дачиа“ стигнале до административниот премин, го оставиле возилото и продолжиле пеш, а потоа биле лоцирани и приведени.
Косово тврди дека биле киднапирани.